Евробарометар: За 60 отсто од македонските граѓани членството во ЕУ е добро Печати
Среда, 01 Септември 2010 09:44

Речиси две третини од македонските граѓани сметаат дека е добро земјата да влезе во Европската Унија.

Според истражувањето на Евробарометар, 60 отсто од граѓаните на Македонија сметаат дека членството во ЕУ е добро за државата, 11 проценти оти е лошо, а 27 ниту едното ниту другото. Споредено со минатогодишното истражување, се забележува пад од 6 отсто во однос на расположението за евроинтеграција.

Македонските и граѓаните на Унијата се сложуваат во поглед на економската состојба. Во Македонија 76 проценти, а во ЕУ 77 отсто од анкетираните сметаат дека економската состојба  е лоша. Финансиската состојба на своите семејства како добра ја оцениле половина од анкетираните македонски граѓани и 64 проценти од граѓаните на ЕУ. Спротивно мислење имаат 48 отсто од Македонците и 34 проценти од жителите на Унијата.

Невработеноста и економската ситуација и натаму остануваат главни причини за загриженост. Дури 63 проценти од македонските граѓани ја посочиле невработеноста како најголем проблем. Само една четвртина од анкетираните во Македонија и во земјите членки на ЕУ се надеваат дека ситуацијата ќе се подобри во следните 12 месеци, по 35 сметаат дека ситуацијата ќе остане иста, а по 36 отсто очекуваат влошување.

Околу 75 отсто и од македонските граѓани и од жителите на ЕУ сметаат дека се неопходни дополнителни реформски мерки за надминување на кризата. Повеќе од половина македонски граѓани (56 отсто) се подготвени одреден период да живеат полошо ако тоа донесе повисок стандард за следните генерации. Тој процент во ЕУ е драстично понизок и изнесува 46.

Анкетата е спроведена од 5-ти до 28-ми мај годинава во 27-те членки на ЕУ, во земјите-кандидати за членство Хрватска, Македонија, Турција и Исланд, како и во турскиот дел на Кипар.