Еленовски на конференција за безбедност во Белград Печати
Понеделник, 27 Септември 2010 08:30

Во периодот од 27 до 29 септември 2010 година, претседателот на Евро-Атлантскиот Совет на Македонија (ЕАСМ), Лазар Еленовски, ќе земе учество на меѓународната конференција „Интеграцијата на Западниот Балкан во глобалната безбедносна мрежа“ која се одржува во Белград, Србија, 27 – 29 септември 2010 година.

Во рамките на конференцијата Еленовски ќе се обрати на темата за интеграцијата на Република Македонија во НАТО, како дел од поширокиот процес за приклучување на регионот кон Алијансата и неговата трајна стабилизација. Исто така Еленовски ќе зборува и за димензиите за надградба на регионалната безбедносна политика, со оглед на потребата од создавање на ново поглавје на безбедносната и политичката соработка во регионот.


Во своето излагање претседателот на ЕАСМ ќе се задржи и на прашањата за Новиот Стратешки Концепт на НАТО, кој треба да се донесе на следниот Самит на Алијансата во ноември 2010 во Лисабон, и импликациите од овој документ на регионалната безбедносна мрежа.

Конференцијата се организира во рамки на Летната академија за американски студии која три години по ред се организира како еден од поголемите регионални настани. Излагачи на настанот ќе бидат високи државни претставници од регионот, универзитетски професори, претставници на атлантските асоцијации, истражувачи и невладиниот сектор.  

Организатор на конференцијата е Центарот за американски студии на Факултетот за политички науки во Белград, основан во 2004 година со поддршка на Амбасадата на САД во Белград.
Настанот е поддржан од Амбасадата на САД во Србија, Балканскиот фонд за демократија, Министерството за одбрана и Владата на Република Србија.