Евро-Атлантскиот Совет на Македонија за глобализирано НАТО Печати
Петок, 05 Ноември 2010 10:05

Евро-Атлантскиот Совет на Македонија промовираше труд "Глобалниот заштитник" кој нуди анализа и гледишта за новиот Стратешки Концепт на НАТО алијансата кој ќе се усвои на Лисабонскиот Самит подоцна овој месец.



Во Анализата се изнесени видувањата како НАТО треба да изгледа во иднина, како да се соочи со глобалните предизвици и како да одговори на растечкиот безбедносен притисок во светот.

Претседателот на Советот и еден од авторите на трудот, Лазар Еленовски верува дека на алијансата и е потребна политичка и воена реформа:

- НАТО денеска е една од најдинамичните организации во светот, која се трансформираше по студената војна. Во тој дел сметаме дека НАТО треба да продолжи со таа трансформација, меѓутоа кон нејзино глобализирање. Не да биде „светски полицаец“ туку безбедносна организација која ќе ги заштитува цивилизациските придобивки и вредностите на човештвото, изјави Еленовски.

Според Еленовски воената трансформација треба да биде насочена кон градење на модерни воени капацитети, соодветен одбранбен буџет, заедничи вложувања и иницијативи, реформа на воените штабови како и формирање рапидна НАТО сила.

За Македонија и новиот Стратешки Концепт на НАТО, Еленовски изјави дека Македонија покажа дека е добар партнер на алијансата:

- Македонија ги исполни основните критериуми во 2008 година, но се случи еден преседан во алијансата – земја со исполнети критериуми да не стане членка поради политички причини. Но Македонија и тоа како контрибуира во мировните мисии, таму каде што е најчувствителната зона на соработка. Преку четири проценти од своите копнените сили перманентно се присутни во Авганистан и другите мисии. Македонија е многу свесен партнер за тоа што ја очекува во иднина со новиот стратешки концепт, околу обврските и споделување на товарот на самите обврски, истакна Еленовски.

Евроатлантскиот Совет на Македонија заклучи дека НАТО мора да ја прифати реалноста и да се глобализира за да остане единствена ефикасна алатка за заштита на мирот и безбедноста во светот.

Новиот Стратегиски Концепт на НАТО покрена интензивна глобална дебата во која, покрај земјите членки, беа вклучени и партнерите, политичарите, воените штабови, граѓанското општество, медиумите и обичните граѓани преку интернет комуникацијата.

извор курир