Вести:
Tools
You are here: Почетна|Медиа Центар|Говори|Семинар: Улогата на невладините организации во процесот на НАТО интеграцијата
Семинар: Улогата на невладините организации во процесот на НАТО интеграцијата PDF Печати Е-пошта
Петок, 30 Јули 2010 00:00

27 октомври 2009 година, Сараево, Босна и Херцеговина
Во организација на: Центар за безбедносни студии

Излагање: Билјана Радева, Генерален секретар, Евро-Атлантски Совет на Македонија


Дами и господа,
Драги колеги и пријатели,


На почетокот, би сакала да му се заблагодарам на организаторот за топлата гостопримливост и за организирањето на овој настан, на кој се дебатира за искуствата на невладините организации во регионот во процесот на НАТО интеграцијата на земјите.


Ова е одлична можност во регионални рамки да се споделат нашите гледишта и уште повеќе да се размени искуството и да се зајакне процесот на учење на едни од други помеѓу различните субјекти во регионот.

Јас ќе нагласам неколку точки, и ќе се обидам да ја спакувам во неколку идеи опсежноста на темата. Ќе ги кажам нашите гледишта за три работи: за невладините организации, улогата на Атлантската Асоцијација како организација од која е дел и Евро-Атлантскиот Совет на Македонија и улогата која ние ја имавме во целокупниот процес на НАТО интеграција во земјата се досега во изминатата деценија на постоење на Евро-Атлантскиот Совет на Македонија.  

За невладините организации

Невладините организации се клучни за секое општество во развој и за секое развиено општество. Во изградбата на слободно и отворено општество во кое се почитуваат човековите права, основен предуслов е да постои силно цивилно општество кое ќе ги набљудува владините политики и чекори, како и ќе ги промовира приоритетите на земјата. Невладиниот сектор ниту е дел од владата, ниту е негова опозиција. НВО секторот будно го следи општеството, сите промени кои се случуваат во него, и неговата улога е отворено да дебатира за сите процеси во општеството и да вклучи различни целни групи во земјата. НВО секторот треба да биде присутен во јавноста и да ја поттикнува јавната дебата, сам да се вклучува, а не да чека да биде повикан. Тие треба да ги повикаат главнте чинители во општеството на одговорност, да предупредат, да препорачаат, и да советуваат. Како посредник, поврзувач, и олеснувач на граѓанинот и државата, овој сектор треба да биде гласот на општеството и сепак да работи со крајна цел, да има своја кауза.   

Улогата на Атлантската Асоцијација

Без намера да држам предавање за тоа што е невладиниот сектор, а што не е, би сакала да истакнам неколку работи за Атлантската Асоцијација, организацијата на која и Евро-Атлантскиот Совет на Македонија, претставува интегрален дел со години.  

Атлантското движење е заедница на пријатели и сојузници каде работиме и дебатираме за заедничките вредности и придобивки на глобалната сцена.

АТА е глобална мрежа на 42 асоцијации, кои ја промовираат мисијата на Северноатлантската Организација – НАТО, и ја поттикнуваат глобалната дебата за прашањата на безбедност и меѓународните односи. АТА ги здружува светските лидери, експертите, медиумите, младите и искусните луѓе и ги промовира вредностите на Атлантската идеја: демократија, слобода, човекови права, и владеење на правото.  

Како организација која ја има оваа мисија скоро 55 години, АТА ја имаше улогата на катализатор во повеќе земји со тоа што поттикна понатамошен развој, форуми, дебати, како и едукација за клучните прашања. Улогата на АТА многупати е јавно признаена, ценета и е истакната и во завршната Декларација издадена од Шефови на држави и влади на последниот Самит на Алијансата во Стразбург/Кел по повод 60 години од постоењето на Алијансата.

Уште повеќе, нашата улога како Атлантски асоцијации во секоја од нашите земји е да работиме неуморно во духот и за мисијата која АТА ја промовира.

Улогата на Евро-Атлантскиот Совет на Македонија

Во тој дух и со многу ентузијазам работи и Евро-Атлантскиот Совет на Македонија повеќе од една деценија.  

Евро-Атлантскиот Совет на Македонија (ЕАСМ) е основан во 1997 година во Скопје. Како потврда за националниот консензус кој владее по ова прашање, и е од национален интерес за Република Македонија, Претседателството на Советот како и неговото членство вклучуваат луѓе од најразлични етнички, политички, интелектуален и бизнис профил. Ние сме организација во која членуваат луѓе од различни политички партии, позиција и опозиција, синдикат, женско лоби, новинари, аналитичари, експерти, медиумите, студентите и локалната самоуправа.

ЕАСМ работи на имплементацијата на евро-атлантската идеја и вредности во македонското општество и промовира целосна поддршка на демократијата, човековите права, граѓанско општество и владеењето на правото во Република Македонија.

Во почетокот на 1990-те години, Република Македонија се одлучи да и се приклучи на Алијансата. Оттогаш, земјата започна повеќегодишен целосен процес на реформи во општеството. Тоа беа процеси во кои се бараше длабока трансформација во повеќе области, од одбранбениот и безбедносниот сектор до развојот на земјата во функционална мултиетничка демократија.

Знаеме дека реформите никогаш не се лесни. За нив се потребни многу ресурси, енергија, време и понекогаш се по цена на целосниот начин на живеење во земјата. Во овој комплексен процес, има огромна потреба за еден посредник, поврзувач помеѓу Владата, Алијансата и граѓаните: Зошто НАТО? Што е НАТО? Кои се неговите цели? Која порака ја пренесува? Уште повеќе, кои се придобивките и обврските од членството на земјата во НАТО?
Ова се прашањата на кои ЕАСМ работи повеќе од една деценија.

Ние сме работеле и работиме со скоро сите целни групи од нашето општество: млади, студенти, академската заедница, експерти, политичките партии, медиумите, други невладини организации со цел да развиеме сеопфатен пристап затоа што процесот на НАТО интеграција го вклучува целото општество.

Затоа и нашите активности се наосчени кон подигнување на јавната дебата со што е можно повеќе учесници во општеството од клучните фактори до активности со обичните граѓани.  

Нашите активности вклучуваат меѓународни, регионални и национални конференции, јавни дебати, предавање на универзитети, предавања во средните училишта, издавање на публикации, состаноци, учество во јавни дебати, настапи на телевизија, написи во весници, прес конференции. Традиционално одржуваме забавни настани по повод денот на НАТО на
4 април секоја година. ЕАСМ има спроведувано и национални кампањи. ЕАСМ е еден од основачите и еден од трите координатори на Форумот за Безбедност на Централна и Југоисточна Европа – Балкан Мозаик (Central and South Eastern European Security Forum – Balkan Mosaic), регионална иницијатива за развивање на заедничка платформа за безбедносен дијалог. Во тоа својство, ЕАСМ го издаваше билтенот на Балкан Мозаик и ја основа регионалната мрежа на млади лидери.  

Како организација и членка на АТА активно учествуваме во регионалните иницијативи и во сите останати иницијативи во рамки на АТА.  

ЕАСМ постојано развива солидна соработка со државните и невладините институции во земјата, вклучително и партнерствата со другите актери вклучени во процесот на НАТО интеграција на земјата. ЕАСМ беше дел од Работната група на за развивање на Националната Комуникациска стратегија за членство во НАТО во 2005 година.  

Исто така, ЕАСМ е целосно отворен за нови иницијативи и соработка во земјата и во регионот, со оглед на фактот дека преку тесна соработка во регионот, успешно ќе се подготвиме за целосната интеграција на регионот во
евро-атлантските структури.

НАТО е најголемата безбедносна организација, најголемиот спроведувач на безбедност. А денес НАТО се менува. Новото и трансформирано НАТО не е исто како и пред неколку децении. Светот се менува, а со него и концептот на безбедност во 21-от век се менува, заканите и безбедносните предизвици се менуваат.

Алијансата се наоѓа пред создавањето на Новиот Стратешки Концепт, кој ќе биде клучен документ – насоките за неговата иднина. Тој треба да ги изрази вредностите на Алијансата, да ги утврди заканите и предизвиците, како и идната улога и мисии на НАТО.  

Ова е уште една нова задача пред нас сите организации кои работиме на прашањата за безбедноста. Новиот Стратешки Концепт исто така ќе го обработи и прашањето на нашиот регион и нашата иднина во рамки на Алијансата, визијата за тоа каде сме ние во таа голема слика. Верувам дека визијата за целиот регион на Балканот е да се видат овие земји, стабилни, развиени демократии и членки на евро-атлантското семејство, и да седат на тркалезната маса со сојузниците.   

Затоа, нашата задача е да информираме, да објаснуваме и да ја едуцираме јавноста за потребата за интеграцијата на регионот во евро-атлантските структури, со оглед на тоа дека концептот за колективна безбедноста во рамките на НАТО е најсоодветен за нашите земји.  

Потребно е да го подигнеме јавното мислење во оние области каде е пониско, и да им помогнеме на нашите влади во стратешката мисија за НАТО интеграцијата на нашите земји.  

Наша работа е да се соочиме и со противниците. Сепак, разликата во мислења ќе покрене дебата, а дебатата ќе ни овозможи подобро да ја објасниме нашата мисијата и да додадеме вредност на јавната свеста за целосниот процес на интеграција.  

На крајот, само ќе заклучам дека улогата на невладиниот сектор во процесот на НАТО интеграција може да биде улога на кредибилен партнер на државата и на граѓанинот. А во тој процес, нашиот придонес зависи од нашиот капацитет тоа да го исполниме.  

Ви благодарам на вниманието.

 

 

Публикации

3natosim