Ни треба Македонија во евро-атлантските структури Печати
Вторник, 22 Март 2011 16:06

Приказната за Македонија во НАТО не е завршена, но е важна за сите, а тоа најдобро се гледа овие денови кога на северот на Африка се води битката за Либија, оценува италијанскиот професор по безбедност Фабрицио Лучиоли.

-Имаме незавршена работа тука. И тоа е многу важно за безбедноста на Македонија, за безбедноста на Балканот, но и за евро-атлантската безбедност. Нам ни треба Македонија, целосно интегрирана заедно со Западен Балкан во евро-атлатските структури. Ни треба што побргу. И штета е што не бевме способни да го затвориме ова прашање, претходно. Мора да се реши што побргу оваа ситуација. Можеме да се насочиме во многу области, но сепак најважно е политичко решавање на ова прашање, изјави за Канал 5 Фабрицио Лучиоли, експерт за безбедност од Италија.

Лазар Еленовски смета дека без разлика како во Хаг ќе одлучи Меѓународниот суд за правда, прашањето за името- Македонија ќе се решава политички, а не правно.

- Може да биде само морална победа во Хаг на крајот на процесот. Се знае што треба да направиме и за тоа е потребна и политичка воља. Сепак процесот е политички и се води во Обединетите Нации каде има и преговори, вели поранешниот министер за одбрана Лазар Еленовски, кој сега е прв човек на НВО Евро- Атлантски совет на Македонија.

Во случајот со Македонија, името често се поврзува и со безбедноста на државата, за разлика од светските искуства каде главна безбедносна закана се тероризмот и насилството.

Експертите се почесто како опасност за безбедноста ги проучуваат и сиромаштијата и човековите права. Големи закани се и еколошките катастрофи како што е последниот пример со нуклеарката во Фукушима. Сите овие прашања се дел од лекциите кои припадниците на македонските безбедносни и дипломатски институции ќе ги учат на курсот на евро атлантскиот совет.