Вести:
Tools
You are here: Почетна|Медиа Центар|Вести|Еволуцијата на НАТО во рамки на "Лакот на кризата"
Еволуцијата на НАТО во рамки на "Лакот на кризата" PDF Печати Е-пошта
Понеделник, 01 Август 2016 08:15

nato flagДестабилизирачките ефекти на менувањето на политиката и заканите од тероризмот се чувствуваат низ Алијансата која се соочува со предизвикот ефективно да одговори на новата безбедносна реалност, велат Исмет Рамадани, Илија Џугуманов и Марија Јанкулоска.


Во ера кога растечките неконвенционални и асиметрични закани во глобализираниот и хипер-конектиран свет имаат тенденција да им пркосат на просперитетот и стабилноста на државите, Алијансата е растргната меѓу два фронта. Истовремено, таа е растргната и помеѓу барањата и очекувањата на нејзините земји-членки во оптирањето и приоретизирањето каде да го постави својот фокус на дејствување.

Брановите на несигурност, во денешно време, рефлектирани во експанзионистичката политика на Русија на Исток и подемот на Исламската Држава (ИД) и ДАЕШ во Сирија и Ирак - што резултираше со проток на мигранти на јужните граници на НАТО - предизвикаа дестабилизирачки ефекти кои се чувствуваат истовремено во источните и јужните крила на Алијансата. Сето ова генерира "Лак на криза" која се протега од Блискиот Исток и Кавказ до источните граници на Алијансата. Со оглед на неделивоста на безбедносните закани и нивната склоност да предизвикаат прелевачки и каскадни ефекти, недвосмислено се предизвикани напорите на Алијансата ефикасно да се справи со тековните закани по безбедноста.

Начинот на кој НАТО земјите членки ги перцепираат заканите, во голема мера влијае на капацитетите, ресурсите и напорите кои ќе бидат инвестирани во одговор на нив. Поделбите меѓу земјите-членки на НАТО кога станува збор за нивната перцепција за заканите се евидентни. Од една страна, земјите од Источното крило, како што се Полска и Балтичките Земји, главно се концентрирани на заканите кои произлегуваат од Русија. Неодамнешните реваншистички политики на Кремљ и припојувањето на Крим ги интензивираа овие грижи.

Од друга страна, земјите од Јужното крило на НАТО (меѓу кои Италија, Шпанија, Португалија, Грција и Турција) ги перцепираат заканите кои произлегуваат од Блискиот Исток и Северна Африка (МЕНА регионот) - особено оние кои извираат од проширувањето на ИЗИС, приливот на мигранти и ширењето на екстремизмот - како најиминентни закани по нивната безбедност. Во такви околности, НАТО се наоѓа во расчекор со барањата и очекувањата на нејзините земји членки и потребата сеопфатно да ги адресира двојните предизвици со кои што во моментов се соочува.

СЕОПФАТЕН ПРИСТАП
Сепак, имајќи предвид дека безбедноста е неделива и меѓузависна, еден ефективен и успешен одговор не треба да ги адресира овие предизвици парцијално, туку како целина. Како што Генералот на Воздухопловните Сили на САД Филип Бридлав изрази за време на својот говор во Кралската Воена Академија во Белгија за важноста од избегнување на конкурентност меѓу сојузниците "Успехот во секој регион зависи од успехот на другите."
Може да се каже дека секој успех во остварувањето на поголема безбедност почива врз намалување на слабостите во Алијансата. Говорејќи за ова прашање Генералниот Секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, исто така, изјави дека "НАТО не може да си го дозволи луксузот да избира да одговори на предизвиците кои произлегуваат од југ или на предизвиците кои произлегуваат од исток, ние треба да им пристапиме и на двете истовремено".
Но, секој проактивен ангажман во одреден регион бара комбинација на политички, цивилни и воени инструменти, што подразбира користење на финансиски и материјални ресурси. Во период на економска криза и фискални предизвици кога ефективноста на симултаното пристапување на повеќе безбедносни предизвици е сериозно прашање, треба да се посвети внимание на тоа како се алоцирани ресурсите и кои алтернативи може да бидат применети со цел да се балансираат вистинските потреби и ресурсите на располагање.

 

ЗАЧУВУВАЊЕ НА ЕДИНСТВОТО
За таа цел, неколку поенти треба да бидат земени во предвид со цел да се решат овие прашања. Прво, потпирањето на унифициран и сеопфатен пристап треба да се гледа како императив во однос на секоја потенцијална реакција на овие предизвици. Со оглед на тоа дека безбедноста не може да се постигне ексклузивно и самостојно, кохезијата и единството во рамките на Алијансата треба да се зачуваат. Координациските напори меѓу сојузниците треба да бидат охрабрени со цел да се постигне кохерентност и ефикасност во нивните дејствувања.
Второ, корисноста на мерките за штедење во одбраната не треба да се потценува. Дисбалансот на капацитетите кои постојат меѓу земјите-членки, во голема мера може да ги попречи напорите во постигнувањето на сеопфатна и ефективна безбедност. Иницијативата за паметна одбрана, која беше воведена во 2011 година беше чекор напред во остварувањето на поголема безбедност со помалку пари. Покрај тоа, со Декларацијата од Самитот во Велс земјите членки се обврзаа дека ќе трошат 2% од бруто домашниот производ (БДП) на одбраната и 20% од буџетот на одбраната на голема опрема до 2020та година. Во моментов, само неколку земји-членки го исполнуваат условот за 2% меѓу кои се САД, Велика Британија, Естонија, Грција и Полска.
Во овој поглед, треба да се преземат мерки за да се осигури дека одлуките донесени на Самитот во Велс се ефикасно спроведени. Во исто време, со оглед дека несоугласените капацитети меѓу сојузниците може да бидат сериозен недостаток, збир на механизми треба да бидат спроведени за менаџирање на дисбалансот меѓу сојузниците и да ги направи земјите-членки способни и само-доволни во одговорот и борбата против заканите по нивната безбедност.

Конечно, воведување на нови форми на соработка се важни во смисла на зголемување на подготвеноста и респонзивноста на земјите-членки на НАТО. Планот за подготвеност и акција, кој беше усвоен на Самитот на НАТО во Велс е напредок во оваа област. Планот опфаќа два вида на мерки насочени кон надминување на заканите кои произлегуваат од Исток и Југ. Тие се состојат од обезбедување на краткорочни мерки и мерки за адаптација во насока на постигнување на долгорочните цели.

Мерките на краток рок се замислени како важни алатки насочени кон попречување на асертивноста на Русија, додека мерките за долгорочна адаптација се чини дека се повеќе истакнати во взаемното справување со различни закани и во смисла на обезбедување на одржливост на целите на Алијансата. Обуките и вежбите, заедно со другите механизми на соработка се поставени за да се обезбеди долгорочна интероперабилност, како предуслов за постигнување на долгорочна безбедност.

КООПЕРАТИВНА БЕЗБЕДНОСТ
Друг аспект кој треба да се земе во предвид е кооперативната безбедност иницирана со Стратешкиот концепт на НАТО од 2010 година. Стратегијата за партнерство одлично е вклопена во новата безбедносна реалност, каде што имплементирањето на механизмите за соработка и на градењето доверба надвор од границите на Алијансата може да се толкува како клучен фактор за стабилност. Во оваа насока, политиката на партнерство може да се гледа како предност во зајакнување на дијалогот, градењето капацитети и соработка во време кога ресурсите се ограничени и недоволни за решавање на заканите и предизвиците со кои светот се соочува во моментов.

Со текот на годините, НАТО успеа да еволуира и да се прилагоди на новата реалност. Наместо задржување на своите воено-базирани цели, Алијансата ја зајакна својата флексибилна улога која продолжува да се развива во насока на минимизирање на непотребните трошоци и се фокусира повеќе на соработка, дијалог и дипломатски стратегии. Продолжувајќи во тој правец е од клучно значење со цел ефективно да се одговори на новите безбедносни динамики генерирани со Лакот на кризата.

 

Публикации

simulacija5