Говорот на Генералниот Секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен на Парламентарното Собрание на НАТО во Прага Печати
Среда, 14 Ноември 2012 11:37

Почитувани претседатели, екселенции, министри, почитувани членови на парламентот, дами и господа,

Најпрво, дозволете ми да Ви се заблагодарам Вам, г. Карл Ламерс, за Вашето љубезно претставување. Вие продолжувате да бидете мошне активен, особено посветен и неуморен член на НАТО Парламентарното Собрание. Навистина уживав да работам со Вас и Ви благодарам за Вашата голема посветеност на трансатлантската врска.

Дозволете ми и да му се заблагодарам на НАТО Парламентарното Собрание како целина што ме поканија да зборувам утрово. И би сакал да му се заблагодарам на претседателот Стеч, спикерот Немцова и премиерот Нецас за нивната љубезна гостопримливост во овој прекрасен град.

Секогаш е големо задоволство да се биде во Прага. Се’ уште се сеќавам кога дојдов овде пред десет години за Самитот на НАТО. Бев премиер на Данска во тоа време. Тоа беше првиот НАТО Самит кој се одржуваше во земја која претходно била дел од Железната Завеса. Тоа беше првиот Самит во 21-от век. Тоа беше и првиот Самит по терористичките напади на 11 септември.

И токму тука, на нашиот Самит во Прага, поканивме седум земји да започнат пристапни преговори со нашата Алијанса. Тоа е најголемата група земји кои одеднаш биле поканети да влезат низ вратата на НАТО. Секоја од овие земји денес е сојузник на кој можеме да се потпреме. Ова докажува дека политиката на отворени врати на НАТО ја промовираше Европа како цела, слободна и мирна. И процесот продолжува. Вратите на НАТО остануваат отворени.

Тој самит, во многу аспекти, беше од историско значење. И стана синоним за трансформацијата на НАТО. Па, зар не беше слоганот на самитот во Прага „нови членови, нови можности и нови партнерства?“

Во текот на изминатата декада нашата Алијанса продолжи да се реформира и приспособува. За зачувавме и зацврстивме нашата способност да ја чуваме безбедноста. Да играме влијателна улога во меѓународните случувања. И да оформиме подобар свет.

Ова не се апстрактни цели. Пред две години во Лисабон го усвоивме Стратешкиот концепт. Тој ги претставува колективната одбрана, кризниот менаџмент и кооперативната безбедност како трите основни задачи на НАТО. Токму оваа година, во Чикаго, донесовме нови одлуки кои ќе ни помогнат да ги спроведеме овие задачи. Тие се резултат на силна политичка волја. Сега треба да инвестираме во ресурсите кои се потребни за спроведување на задачите. И токму за тоа сакам денес да дискутирам со вас, дами и господа.

Трошоците за одбрана забележуваат опаѓање во Алијансата. Ни треба економско закрепнување. И токму поради тоа, ни треба и закрепнување на одбраната. Треба да го сопреме тоа опаѓање. И треба да го свртиме во обратен правец.

Јас верувам дека тоа е можно. Но, ќе бара посветеност и активна поддршка. Од лидерите на НАТО и од вас, членовите на НАТО Парламентарното собрание.

И јас сум политичар како и вие. И ја разбирам политичката реалност. Кога ги прашуваме луѓето каде треба да почнат Владите да кратат на трошењето, одбраната е првата работа што ја споменуваат.

но, како политичари, сите треба да објасниме дека постои и безбедносна реалност. Слободата не доаѓа бесплатно. И сите одлуки кои се донесени за да ја подобрат нашата економија, не смеат да не’ одведат во друг вид на криза – безбедносна.

За ефективно да ги заштитиме нашите луѓе, владите мора да продолжат да инвестираат во реална безбедност. Треба да ги имаме вистинските сили и способности за да ги одвратиме и да се одбраниме од сите закани, за да ги зачуваме нашите нации и нивната безбедност.

И да не се залажуваме, нашата безбедност и сигурност ќе бидат предизвикани.

Кризите ќе останат непредвидливи, како што беше со Либија минатата година. Паднатите држави ќе продолжат да бидат домаќини на терористичките организации кои ни се закануваат.

Распространувањето на оружјето за масовно уништување и ракетните системи за нивно користење нема да сопре преку ноќ.

Нашите поморски патишта и други витални транспортни и комуникациски системи се’ уште ќе треба да се заштитуваат.

Сите овие сложени предизвици нема да исчезнат додека се фокусираме на економската криза. Тие нема да чекаат да закрепнат нашите економии. Всушност, може да станат уште потешки за соочување доколку ние ги игнорираме. Затоа, мора да ја одржуваме нашата одбрана.

Факт е дека економската криза зададе силен удар на нашите трошоци за одбраната. Споредено со 2009 година, вкупниот трошок за одбрана на Алијансата минатата година опадна за 56 милијарди американски долари. Во Европа, шест сојузнички всушност го зголемија трошењето за одбраната минатата година во споредба со 2009. Но, тоа не беше голема сума. И беше надминато од големите кратења кои ги направија другите деветнаесет земји сојузнички.

Меѓу европските сојузнички, само две дадоа повеќе од 2% од бруто домашниот производ за одбрана минатата година. Четири дадоа помалку од 1%. САД, исто така, започна да го намалува трошењето за одбраната. И има се повеќе кратења за гасоводите.

Ова загрижува. А статистиката открива уште еден позагрижувачки тренд. Од 1991 година, неамериканскиот дел на трошењето за одбрана на НАТО опадна од 35% на 23%. Овој се’ поголем трансатлантски јаз е неодржлив. Го поткопува принципот за солидарност на Алијансата.

Во НАТО станува збор за делење. Сојузниците ги споделуваат ризиците и обврските, исто како што споделуваат предностите од безбедноста. И ако погледнеме што се случува во светот околу нас, јасната порака на Европа е овој: треба да преземеме поголема одговорност за нашата безбедност, не помала.

Исто така, треба да ги погледнеме бројките во контекст на она што се случува околу нас. Додека ние ги кратиме трошоците, другите околу нас во светот трошат и инвестираат.

Според некои процени, трошењето за одбраната во Азија се удвои во изминатава декада и оваа година за првпат ќе го надмине трошењето за одбрана кај европските сојузници на НАТО.

До 2015 година, Кина ќе го надмине трошењето на осум големи европски сојузници на НАТО заедно. А Русија има намера да го удвои буџетот за одбрана од 3% на 6% од бруто домашниот производ во текот на наредните 10 години.

Затоа, ако не дејствуваме и тоа сега, сметам дека ќе се соочиме со три сериозни јаза:

Прво, големите кратења во европските буџети за одбрана ќе создадат голем јаз во самата Европа. Многу сојузници ќе сфатат дека е особено тешко да се стекнат потребните способности за одбрана. Ова ќе води до неспособност за колективно дејствување во меѓународниот кризен менаџмент.

Второ, растечкиот јаз во трансатлантските трошоци за одбрана претставува ја ризикува поддршката што Обединетите Нации и’ ја даваат на Алијансата. Веќе има загрижувачка перцпеција на другата страна на Атлантикот дека Европјаните сакаат да се возат бесплатно. Кога и да се сретнам со луѓето што ги носат законите во Капитол Хил, ме прашуваат: „зошто ние треба да се посветуваме на НАТО ако Европјаните не се подготвени да го направат тоа?“ И тоа е фер прашање кое заслужува вистински одговор.

Трето, издигнувањето на новите сили ќе создаде јаз меѓу нивната способност за дејствување и нашата. Не ме сфаќајте погрешно. Не велам дека нивното издигнување ќе претставува закана за Алијансата. Но, ако продолжиме по овој пат и го намалуваме трошењето за одбраната, ќе видиме како брзо исчезнува и нашето влијание на меѓународната сцена.

Ова можеби звучи како вистинска пропаст. Не ми е тоа намерата. Затоа што верувам дека има пат. Засега, само треба да го одржуваме нивото на трошење за одбрана. И како што се подобруваат нашите економии треба да размислуваме за зголемување на инвестициите во одбрана. И треба да ги искористиме парите од даночните обврзници најдобро што можеме.

Веќе одлучивме како ќе го направиме тоа. Имаме насоки. И на нашиот Самит во Чикаго во мај си поставивме цел „НАТО Сили 2020“ – сили кои се поспособни, посоодветни и повеќе се надополнуваат. И можеме да дојдеме таму преку Паметната одбрана и преку иницијативата за поврзани сили – ако ги поддржиме во потребната политичка волја.

Дозволете ми да кажам по нешто за овие иницијативи.

Паметната одбрана е нов водечки принцип за развој на способностите. Преку спојување за здобивање со способности, нациите ќе можат да си го дозволат она што не можат да си го дозволат самите. Се работи за поголема ефикасност на ресурсите и подобро работење со она што го имаме. Ова не е изговор да се прави помалку. Клучно во Паметната одбрана е поголемото поставување приоритети, специјализирање и што е најважно, мултинационална соработка.

Од Чикаго, веќе постигнавме охрабрувачки напредок. На пример, купуваме роботи кои ќе ни дадат систем за набљудување и разузнавање кој ќе биде во сопственост и во функција на НАТО. Нашиот ракетно-одбранбен систем за заштита на популацијата и териториите сега веќе е оперативен. И тука, во Прага имаме пример за Мултинационален центар за логистика и координација кој им овозможува на сојузниците да работат заедно поефикасно. А пред нас има уште проекти.

Мора да го одржиме моментот. Мора да продолжиме понатаму со новите проекти за кои се договоривме. И мора да продолжиме понатаму со проектите кои ги идентификувавме како соодветни за мултинационален пристап.

Иницијативата за поврзани сили се фокусиран на нашата оперативна ефективност. Секој ден, силите на НАТО работат заедно од Авганистан до Косово и на брегот на Сомалија. Тие создадоа и навика за соработка со партнерите надвор од Алијансата. Ова е витална вештина која треба да ја задржиме откако ќе ја завршиме ИСАФ мисијата во Авганистан. И тука може да помогнат мултинационалните пристапи.

Има значителен опсег кој ќе ги направи нашата обука и образование мултинационални за зголемување на мултинационалните придонеси во нашата програма, особено онаму каде што станува збор за НАТО Силите за реакција.

Накратко, мултинационалните решенија ќе бидат од витално значење за одржување на нашата ефективност како Алијанса. Тие ќе ни дозволат да добиеме повеќе вредност на парите и поголема безбедност со ограничени ресурси. Тие ќе водат до заштеди кои може повторно да бидат инвестирани во други витални области на одбраната. Тие ќе не’ натераат да се фокусираме на приоритетите и на развивање нови способности со кои заедно може да работиме. И ќе и’ помогнат на одбранбената индустрија преку понуда на мултинационални договори и работни места, бидејќи во спротивно ќе ги нема.

Сосема едноставно, во денешната безбедносна и економска клима, мултинационалните решенија се од суштинско значење ако сакаме да го одржиме ова ниво.

Дами и господа,

Нашата алијанса го издржа тестот на времето. И во добри и во лоши времиња. И покрај сегашните економски тешкотии, продолжува да ја дава рамката која им овозможува на сојузниците да постигнат поголема безбедност заедно отколку што можат самите. Затоа, треба да ја одржуваме нашата Алијанса силна.

Како Генерален секретар, ќе продолжам да ја играм мојата улога. Ќе барам нови решенија и мултинационални пристапи. За повеќе можности кои ќе ги поврзат нашите сили, преку Атлантикот и со нашите партнери. Ќе барам начини за директна соработка со индустријата. И за подобро да го искористиме заедничкото финансирање. За да ги одржуваме нашите способности и нашите партнерства силни во 21-от век.

Но, и вие треба да правите повеќе. На Алијансата тоа и’ е потребно. Како членови на вашите национални парламенти, имате големи одговорности. Треба да правите тешки избори за заштита на нашата сигурност, просперитет и сувереност на нациите.

Имате и голема одговорност како членки на НАТО Парламентарното Собрание. На НАТО му е потребно да продолжите да им објаснувате на вашите колеги во парламентот и на вашите гласачи дома зошто инвестицијата во одбраната и безбедноста останува од суштинско значење за заштита на вредностите кои го поткрепуваат нашиот начин на живот.

НАТО има потреба од вас – вие кои носите одлуки – да барате мултинационални решенија за иницијативите Паметна одбрана и Поврзани сили да бидат целосно спроведени и да ни помогнат во овие тешки економски времиња. И најважно, на НАТО сте му потребни за да го одржувате нивото на трошење за одбраната, да ги избегнете ризиците кои ќе бидат создадени преку понатамошни кратења. Потребни сте ни за да го зголемите трошењето за одбраната веднаш штом тоа ќе го дозволи економската ситуација.

Она што ви го кажав денес е за тоа како може да ги исполните вашите национални и НАТО одговорности. Вашите избори ќе одлучат дали НАТО ќе биде успешна Алијанса во иднина, како што беше во минатото. И дали можеме во иднина да ги заштитуваме нашите вредности и нашата безбедност како што тоа го правевме во минатото. Сметам на вас дека ќе го направите вистинскиот избор за нашата иднина.

Ви благодарам.

 

Превод од англиски: Стефанија Маџоска