| Јавната промоција - „SMART DEFENCE - новиот концепт на НАТО“ |
|
|
|
| Среда, 23 Ноември 2011 11:58 |
|
Евро–Атлантскиот Совет на Македонија (ЕАСМ) во соработка со Министерството за одбрана на Република Македонија, Амбасадата на Холандија во Република Македонија (НАТО контакт амбасада), Британската Амбасада и Амбасадата на Република Франција, организираше јавна промоција на: „SMART DEFENCE - новиот концепт на НАТО“. Јавната промоција се одржа на 21 ноември 2011 година (понеделник), во Домот на АРМ, во Скопје. Јавната промоција на новиот концепт на НАТО имаше цел да ја запознае македонската јавност со најновите процеси во Северно Атлантската Алијанса. Исто така, настанот има за цел да развие јавна дебата во стручните кругови во областа на безбедноста, во политичкиот и воениот дел. За таа цел на јавната промоција учествуваа дипломатските претставници во земјата, политички претставници на Министерството за одбрана, воениот врв и клучниот персонал во Армијата на Република Македонија, како и претставници на академската заедница и цивилното општество. Концептот Smart Defence посебно се однесува на европскиот дел на НАТО кој се соочува со се’ поголеми предизвици во одбранбеното буџетирање и ефикасно искористување на ресурсите и капацитетите. Концептот на „мудра одбрана“ (smart defence) подразбира градење на одбранбени капацитети на колективната одбрана преку заеднички проекти и процеси. Ова подразбира поефикасно искористување на воените буџети со форсирање на мултинационалниот концепт. Концептот се базира на ефикасно искористување и менаџирање на ресурсите, намалување на двојните трошоци и зголемена координација меѓу партнерите. На јавната промоција говореа:
Министерот за одбрана на Република Македонија Д-р Фатмир Бесими во својот говор ја нагласи поддршката на Министерството за одбрана на РМ за новиот концепт на НАТО. Меѓу другото тој истакна : - Интеграцијата на Република Македонија во НАТО претставува врвен надворешно-политички приоритет на земјата. За исполнување на таа цел во континуитет се вложуваат долготрајни напори во сите сфери-политички, економски, одбранбени и безбедносни. Македонија ги исполни критериумите за членство во НАТО и е целосно подготвена за преземање на одговорностите и обврските кои произлегуваат од членството. - Целите на новиот концепт не се доволни ако не сме определени тие да станат наша обврска. Тие претставуваат рационална насока за евалуација на националните одбранбени политики и нивно прилагодување кон барањата на идните предизвици. - Исто така, министерот Бесими, пред останатите говорници посочи дека во услови на економска криза се јавува можноста за појава на концепти кои ќе овозможат порационално однесување и подобри резултати и во однос на тоа истакна дека во овој случај можеме да говориме за трите цели на „паметната одбрана" „3С" - „capasity", т.е. развој на поголеми оперативни способности, „connectivity", посилна поврзаност помеѓу земјите-членки и партнерите и „commitment", односно силна посветеност за целосен придонес во евроатлантската безбедност и стабилност. Претседателот на Евро – Атлантскиот Совет на Македониј, г-дин Лазар Еленовски во својот говор нагласи: - Сите држави, па дури и најголемите, располагаат со ограничени ресурси во градењето на нивните воени капацитети. НАТО подразбира заедничко градење на тие капацитети за да може ефикасно да се одговори на се подинамичните промени на безбедносното опкружување. Секој партнер на Алијансата мора да го носи својот дел на товарот. Новиот концепт најпрво подразбира поефикасно искористување на воените буџети со форсирање на мултинационалниот концепт. Од останатите говорници, амбасадорите на Обединетото Кралство, на Франција и на Холандија, Кристофер Ивон, Жан Клод Шлумберже и Мариет Шурман од аспект на земјите кои ги претставуваат истакнаа дека имплементирањето на овој концепт претставува ефикасно и ефективно искористување на лимитираните ресурси, или, со еден збор „размислување со здрав разум“. Според британскиот амбасадор Кристофер Ивон, новиот концепт за Македонија доаѓа во вистинско време и го истакнува интересот на земјата во стратешкиот концепт на НАТО и развојот и случувањата во рамки на Алијансата. Амбасадорката на Холандија, Марија Шурман, посочи дека прашањето и темата “smart defense” ги засега сите, од најголеми до најмали, како и дека smart defense е начин за ефективно и ефикасно менаџирање на одбраната на земјите, и дека само со успешна соработка и координација, преку мултинационален пристап на ова прашање, истото може да биде успешно имплементирано. Додаде дека Холандија и Македонија, се многу слични, бидејќи се работи за мали земји кои и тоа како даваат значаен придонес кон мултинационалното функционирање на smart defense. Амбасадорот на Франција, Жан Клод Шлумберже воедно рече: „Франција ја поздрави иницијативата за „паметна одбрана“ на генералниот секретар Андерс Фон Расмусен. Дури и по неколкуте кратења заради економската криза, воениот буџет на Франција за 2012 ќе се зголемува до 31,5 милијарди евра“. Според Шлумберже, целта на „Smart Defence“ е да ги зголеми одговорностите на сојузниците и да ги натера да ги развиваат своите капацитети, не да ги намалуваат, преку заедничко финансирање. „Подобро, а не помало трошење е добро мото“. На настанот се отвори широка дебата од учесниците во која доминираше свесноста од потребата за прифаќање на овој нов концепт. По настанот Министерството за одбрана организира пригоден коктел за учесниците. |























