|
Евро-Атлантскиот Совет на Северна Македонија во соработка со Министерството за одбрана, Едукативниот Центар М6 и НАТО Секторот за јавна дипломатија од Брисел, ја организираше традиционалната "прес-конференција", која се одржува со цел да се прослави денот на НАТО - 4-ти април. Настанот се одржа во просториите на Едукативниот Центар М6 Скопје со почеток во 10:00 часот на 04.04.2022.
Прес-конференцијата "Денот на НАТО – 4ти Април" е традиционална активност на Евро-Атлантскиот Совет на Северна Македонија која покрај одбележувањето на годишнината од потпишувањето на Вашингтонскиот Договор и формирањето на НАТО, служи како информативен настан кој има за цел да ја информира пошироката јавност и медиумите за развојот на настаните на глобално ниво, нашиот придонес како земја, како и бенефитите од членството во НАТО алијансата.

Исто така, на настанот се презентираа сите реформи и напредокот на годишно ниво, со посебен осврт на армијата (зголемени средства за опрема и модернизација, меѓународни мисии, нови униформи, справување со модерните закани и слично). Оваа година, посебен фокус на настанот се стави на пандемијата и војната во Украина, во пресрет на самитот на НАТО во Мадрид.
Настанот со свое обраќање го отвори Претседателот на Евро-Атлантскиот Совет на Северна Македонија, Исмет Рамадани, упатувајќи порака до сите европски претставници да се направи заеднички ангажман за што побргу започнување на преговорите за членство во ЕУ во овие тешки времиња, кога се наоѓаме пред економска, политичка и безбедносна криза.

На настанот, како домаќин свое обраќање имаше и г-дин Свето Јаневски, Извршен директор во Бизнис клубот на Евро-Атлантскиот Совет на Северна Македонија.
Во обраќањето Јаневски потенцираше дека не треба да бидеме само брзи, туку и храбри во реформите зашто „само просперитетните економии може да гарантираат безбедност и стабилност“. Осврнувајќи се на енергетиката, тој рече дека мора да се редизајнира сегашниот закон, но и да се намалат бирократските процедури. Во однос на земјоделството, ја потенцираше важностна на реструктурацијата на субвенциите и овозможување на меките кредити.
“Главниот краткорочен приоритет треба да биде спроведување економски политики насочени кон подигање на стандардот и обезбедување можност за младите. Мораме брзо да обезбедиме енергетска независност, да го редизјанираме сегашниот закон, да ги намалиме бирократските практики и да им овозможиме на сите заинтерсирани да инвестираат во обновливи извори. Иако традиционално сме земјоделска земја со идеални услови за производство на храна, годишно бележиме трговски дефицит од преку 300 милиони. Годинава ќе биде уште повеќе. Увозот на храна беше околу 700 милиони, но годинава очекуваме да биде една милијарда.”- заклучи Јаневски
Како главни говорници, на настанот се обратија Претседателот на Владата на Северна Македонија, Министерот за одбрана, висок претставник на НАТО и Америчката Амбасадорка.

Во своето обраќање Претседателот на Владата на Северна Македонија, Димитар Ковачевски ја истакна важноста на нашето членство во НАТО и ја потврди нашата спремност да застанеме рамо до рамо со сојузниците.
“На 27 март во 2020 година оригиналниот документ на ратификација од Пристапниот протокол за членство на Северна Македонија во НАТО беше предаден во Стејт Департментот на Америка со што нашата земја стана земја членка на Алијансата. Оттогаш ние сме рамноправен дел од најмоќниот воен сојуз во светот изграден и заснован на највисоките цивилизациски демократски вредности. Нашата земја е фактор за стабилност и безбедност во регионот, во која граѓаните имаат сигурна иднина.” Токму затоа ја оценивме руската воена агресија во Украина како неиспровоцирана и неоправдана, но и како сериозно кршење на меѓународното право и брутално загрозување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина. -изјави Ковачевски.

“Процесот за интеграција на Република Северна Македонија во НАТО Алијансата беше долг. Но сега, во време на воена криза од вакви размери, согледуваме колку е значајно да се биде земја чијашто безбедност се гарантира од страна на најголемиот безбедносен и одбранбен сојуз во светот. Со право можеме да кажеме дека сме дел од глобалните процеси и дека заедно со нашите сојузниците ќе се справуваме со сите конвенционални и хибридни закани за сигурноста, безбедноста, и за мирот во светот.” -заклучи Ковачевски

Славјанка Петровска, Министерката за Одбрана на Северна Македонија во своето обраќање се фокусираше на добриот тајминг на станување членка на НАТО поготово по последните случувања во светот. „Тоа ја потврдува исправноста на нашите разумни, храбри и прагматични одлуки. Со членството во НАТО стабилноста на државата не може да биде разнишана, а безбедноста здружено ја гарантираат С. Македонија и 29 сојузници“, порача Петровска.

Преку видео обраќање се обрати и Заменик помошничката на генералната секретарка за јавна дипломатија во НАТО, Кармен Ромеро. Таа порача дека руската агресија врз Украина, ја акцентираше клучната задача на НАТО, а тоа е заштитата на земјите кои се членки на Алијансата и нивните граѓани. “Во контекстот на оваа нова и неочекувана реалност, би сакала да ја пофалам нашата најнова членка – Северна Македонија, за вашата посветеност на НАТО, затоа што бевте навистина извонреден сојузник и клучен елемент за стабилноста на Западен Балкан. Напорот на Северна Македонија за унапредување и промовирање на безбедноста, мирот и стабилноста во регионот е навистина одлучен за сојузот”, изјави Ромеро во своето видео обраќање. Одбележувањето на Денот на НАТО, нагласи Ромеро е круцијално во оваа историска пресвртница, каде имаме комплексна борба за нашите вредности и задржување на слободата и демократијата – наспроти автократија, владеење на правото, наспроти користењето на брутална сила.

Свое обраќање имаше и Н.Е. Кејт Мари Брнз, Амбасадорот на САД во Северна Македонија.
САД беа првите што ѝ посакаа добредојде на Северна Македонија во Алијансата пред две години. „Со С. Македонија, НАТО-сојузот само се засили. Како рамноправен партнер, САД се горди што стојат обединети со Северна Македонија“, децидна е американската амбасадорка, Кејт Мери Брнз. Во видео обраќање таа истакна дека неоправданата агресија на Русија во Украина ја загрозува регионалната безбедност. „Гледаме колку е важно тоа партнерство и за Северна Македонија и за Европа“, изјави Брнз.

Модераторот на настанот Илија Џугуманов како Генерален Секретар на Евро-Атлантскиот Совет на Северна Македонија истакна дека покрај 73 годишнината од потпишувањето на Вашингтонскиот договор, оваа година се слават и 25 години од формирањето на Евро-Атлантскиот Совет на Македонија, 30 години од Армијата, но и две години од членството во НАТО. “Низ 25 годишната историја на нашата организација, овој ден беше најчесто славен под мотото ДЕНОВИ, НЕДЕЛА или ПАК МЕСЕЦ НА НАТО, а беа организирани над 200 проекти, 8 НАТО симулации, 5 конкурси за есеи и карикатури, 3 Академии, работилници, конференции, дебати, хуманитарни донациски и крводарителски акции, посети на седиштето на НАТО во Брисел и многу други активности.” изјави Џугуманов.
“Од самото членство во НАТО, а соочени со пандемијата а сега и инвазијата во Украина, можеби директно не ги осетивме економските бенефити од самото членство, како што беше примерот во Естонија, Бугарија, Романија, Албанија и слично. Но сепак, самото членство, во овие тешки моменти за европската безбедност, ни дава гаранција и заштита од најмоќната воено-политичка алијанса во светот. “ заклучи Џугуманов.

|